Физиотерапијата има важна улога во третманот на хроничната болка. Бенефитите од неа се подобрување на флексибилноста и мобилноста на локомоторниот апарат, на кардиореспираторните перформанси, на расположението и генералната состојба, зголемување и одржување на мусулкаторниот тонус, зголемување на самодовербата за активно учество во физичката активност, помош при контрола на болка, преземање контрола врз сопствениот живот и редуцирање на сопствените стравови.
На овие бенефити е фокусирана кампањата, што се спроведува по повод одбележувањето на 8 септември, Светски ден на физиотерапевтите, изјави за МИА претседателот на Македонското физиотерапевтско здружение (МФЗ), Блаже Арсов. Мотото на одбележувањето годинава е „Хроничната болка и улогата на физиотерапијата во комбинација со соодветна физичка активност во нејзиното менаџирање”.
Тој посочи дека физиотерапевтите во светот имаат можност да ја подигнат свеста за клучен придонес во професијата која ги одржува луѓето да бидат мобилни и независни. Најчести заболувања што предизвикуваат хронична болка, појасни, се ревматоидниот артрит, остеоартритис, болките во вратот и половината, главоболката, карциномот и фибромијалгијата.
– Македонското физиотерапевтско здружение се вклучува во кампањата со тоа што ги мотивира и активира своите членови активно да промовираат физиотерапија и физичка активност како соодветно решение за менаџирање на хронична болка на своите работни места. МФЗ повторно ќе испрати апел до здравствените власти за донесување соодветно законско решение за самостојна физиотерапевтска пракса со што ќе се решат проблемите на физиотерапевтите во државава со цел нивно реализирање во матичната држава по примерот на европските држави, рече Арсов.
Потенцира дека во државава има четири универзитети на кои се спроведуваат студии за физиотерапија и секоја година завршуваат во просек околу стотина дипломирани физиотерапевти.
– Имајќи можност дека не постои можност за реализација, колегите се принудени како готов кадар да ја напуштат државата и својата кариера да ја градат во земјите од ЕУ, Америка, а во последно време и во Австралија, истакна Арсов.
Додаде дека МФЗ годинава официјално било покането од Светска конфедерација за физикална терапија негови претставници да учествуваат на генералното собрание како единствени делегати од државата. – На истиот настан МФЗ се поврза со колегите од целиот свет и ги сподели проблемите на македонските физиотерапевти и побара поддршка од Светската конфедерација во остварувањето на директниот пристап на пациентите со физиотерапевтите, рече Арсов.