Во Сараево денеска ќе се одржи првата Парада на гордоста, а истовремено ќе биде одржан и контрасобир на оние кои се противат на оваа манифестација.
Бранко Чулбрик и Селма Кешетовиќ од организацискиот одбор на БиХ Парадата на гордоста велат дека подготовките траеле две години. Тие истакнуваат дека ЛГБТ-заедницата во БиХ секојдневно живее во страв поради потенцијално насилство над нив поради сексуалната ориентација, дополнувајќи дека не се создава атмосфера за општеството да ги прифати различностите. Сепак, тие веруваат дека институциите се способни да се справат со потенцијалното насилство, мотивирано од хомофобијата.
Организаторите велат дека денешната парада е првенствено организирана од ЛГБТИК-заедницата за ЛГБТИК-заедницата од БиХ, но и дека добиваат поддршка од многумина во земјата. Освен амбасадорите и претставници на власта, Парадата на гордоста ќе биде поддржана и од учесници од земјите од регионот, но и пошироко.
Непосредно пред почетокот на првата Парада на гордоста во БиХ (од 12 до 14 часот) ќе биде одржан и протест против одржувањето на маршот за правата на ЛГБТИК-заедницата. Протестот го организира „Иницијатива Искорак“ (Иницијатива Исчекор).
Претходно реагираше и Здружението на млади муслимани, кои собирот го нарекоа „парада на срамот“ и тврдат дека зад парадата се кријат други цели, а не заштита и унапредување на човековите права.
На Парада на гордоста се очекуваат околу 500 учесници.