Американската активистка за правата на животните Керол Баскин покрена тужба против „Нетфликс“ поради користење нејзини снимки во трејлерот за филмот „Тајгер кинг 2“, пренесува британски „Гардијан“.
Таа и сопругот Хауард Баскин, кој се појавува со неа во трејлерот, започнаа правна постапка во Флорида. Двојката тврди дека ги потпишала формуларите за објавување на првата сезона, но не и за продолжението.
Странските медиуми пренесуваат дека во тужбата е наведено дека појавувањето на Баскин во промотивните објави за Tiger King 2 ги прекршува правилата за појавување. Керол во тужбата се осврна и на првата сезона, и тврди дека таа и нејзиниот сопруг биле неправедно обвинети за злоупотреба на животни.
Керол и Хауард бараат од „Ројал гуди продкшнс“ и „Нетфликс“ да ги отстранат сите нивни снимки од „Тајгер кинг 2“, кој треба да почне да се емитува на 17 ноември.