На редовните саботни протести во Белград на „1 од 5 милиoни”, кои влeгуваат во деветиот месец, граѓаните го обоија влезот на зградата на РТС во розова „Пинк” боја, порачувајќи со тоа дека српскиот Јавен сервис почнал да „потсетува на една друга телевизија, блиска до владејачкиот режим.”
Како што јави дописникот на МИА од Белград, граѓаните движејќи се на протестната поворка бараа „бојкот” на престојните избори.
Веќе денеска, Драган Ѓилас, претседател на Партијата за слобода и правда (ССП) во авторскиот текст во Политика оцени дека е неопходен бојкот на изборите затоа што не може да се прифати дека „ненормалноста во која живееме е нешто нормално”.
-Отпор на лудилото во кое живееме. Кога луѓето престануваат да бидат шиканирани поради нивното мислење, кога нема да ги уценуваат, кога Србија ќе може да ги слушне оние што мислат поинаку, тогаш ќе зборуваме за избори, кажа Ѓилас.
Според него, „до тогаш избори во Србија-нема и затоа не можеме да учествуваме во нешто што не постои”.
-Оние кои продолжуваат да не навредуваат и потценуваат, ги потсетувам на стихот на познатата песна кој гласи: Кој не ја слуша бурата, ќе ја слушне олујата. А во Србија, станува мрачно. Ептен, наведе Ѓилас.
Во врска со бојкотот на престојните избори се огласи и поранешниот српски премиер и лидер на Нова старанка (НОВА), Зоран Живковиќ, кој изјави за Блиц дека неговата партија „ќе има кампања за изборните услови”, повикувајќи ги партиите и здруженијата кои веќе се изјаснија за бојкот, да се борат заедно во кампањата за изборни услови, додавајќи дека му се „гади” од актуелната власт.
-Ова не значи дека нема да се приклучиме на бојкотот во моментот на распишување на изборите, но можеби во наредните неколку месеци може да се стори нешто, да се оди на избори и да се има добар резулт, рече Живковиќ.
Тој кажа дека претседателот Александар Вучиќ не може да се победи бидејќи не се работи за претседателски избори, но „можеме да му направиме на Вучиќ она што му го направивме на (Слободан) Милошевиќ и ова да биде прва фаза од неговото соборување”.
Во врска со претстојните избори денеска се огласија и од власта.
Министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, кој ја предводи работната група за соработка со ОБСЕ за изборниот процес, изјави денеска за ТВ Прва дека Србија, како одговорна држава, сака да го подобри изборниот процес, но не сака да експериментира и да го примени она што не постои во светот
-Важно е граѓаните да имаат чиста, транспарентна кампања во која ќе можат да ги остварат своите права, рече Стефановиќ, додавајќи дека е важно на граѓаните да им се обезбедат најдобри услови.
-Сè што можеме да промениме за кратко време, да ги подобриме изборните услови, ние тоа ќе го сториме, рече Стефановиќ.
Тој оцени дека владата сака да има чист и регуларен изборен процес, но некои луѓе не можат да постигнат добар резултат, поради што бараат алиби да не излезат на гласање.
На прашањето дали ќе ги исполни барањата на опозицијата, тој изјави дека во Србија „се разговара за се”.
-Ние сме заинтересирани за подобрување на изборниот процес, повеќе години се занимаваме со тоа, им излегуваме во пресрет на граѓаните, сакаме да имаат подобар изборен процес, рече Стефановиќ.