Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска и утре ќе престојува во работна посета на Француската Република.
За време на посетата, министерот Димитров ќе оствари средба со Амели де Моншален, државен секретар во Министерството за Европа и надворешни работи, задолжена за европски прашања, како и други средби од политичкиот и јавен живот на Франција.
Како што соопшти МНР, покрај прашањата за актуелните состојби и перспективите за натамошен развој на севкупните билатерални односи, високо на агендата ќе бидат интеграцијата и перспективите на Република Северна Македонија во пресрет на Советот на ЕУ, како и историскиот чин на зачленувањето на Северна Македонија во НАТО.
Во рамките на посетата, министерот Димитров ќе присуствува и на свечениот прием во Амбасадата на Република Северна Македонија по повод одбележувањето на Денот на независноста – 8 Септември.