Со бројните содржини предвидени со програмата за чествување на 8 септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија, која оваа година се одвива под слоганот „Боите на независноста“, во Градскиот парк во Скопје, на локацијата Школка, започна одбележување на овој наш голем државен празник.
Во овој дел на чествувањето пред присутните гости и граѓани на Република Северна Македонија, свое обраќање ќе има претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.
Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија, предводена од Премиерот Зоран Заев, како и останатите делегации кои претходно им оддадоа почит и положија венци свежо цвеќе на гробовите на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски, пристигнаа во Градскиот парк во Скопје, каде што веќе беше во тек настапот на „Петко и 5+ бенд“, како дел од содржините на програмата.
Премиерот Заев направи обиколка на дел од штандовите поставени во Градскиот парк, каде присутните имаа можност да уживаат во традиционална храна од сите краеви на нашата земја, да учествуваат во спортски активности и да го проверат своето здравје.
На штандот на Министерството за труд и социјална политика, каде што волонтерите од невладини организации ги информираа младите за придобивките и можностите од мерката Младинската гаранција, премиерот Заев ја разгледа и изложбата на фотографии од децата од малите групни домови.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, ја проследи и показната вежба со кучиња трагачи на претставниците на Министерството за внатрешни работи, како и вежбата на припадниците на едницата„Тигар“.
На штандот на Агенцијата за млади, премиерот Заев кусо се задржа во разговор со младите кои покажаа интерес за поволностите од Европската Младинска Картичка, која од оваа година можат да ја користат сите млади во земјата на возраст до 29 години, со која младите се стекнуваат со поволности и попусти во разни сектори, и тоа во угостителски објекти, малопродажба, култура, спорт, едукативни центри за обуки за стручни вештини во земјата и во Европа.
Делегацијата на Владата и Премиерот Заев, како и останатите гости и граѓани, на тандот на Министерство за животна средина се запознаа со мерките за поголема заштита на животната средина, и донесените потрошени батерии добија еко подарок.
На штандот на Министерство за здравство заинтересираните граѓани ќе имаат можност да измерат притисок, да извршат очен преглед и да добијат повеќе информации за најновите мерки на Министерството за здравство, а на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Заев, му беше подарен привезок со ознака на неговата крвна група, како на редовен крводарител.
На два брендирани штанда, претставници на Дирекцијата за заштита и спасување се делат прирачници за заштита од пожари на отворен простор и се одржува практична демонстрација за користење на домашни ППА апарати.
Официјалниот старт на програмата за одбележување на 8 септември – Ден на независноста на Република Северна Македонија, ќе започне со настапот на танчерската групоа Денсерс Јунајтед и со смотрата на Батаљонот за почести на Армијата на РСМ, по што естрадната уметница Виолета Томовска ќе ја исполни државната химна.
Во завршниот дел од програмата „Боите на независноста“ со која оваа година се чествува 8 септемри – Денот на независноста, во рамките на музичко-забавната програма, ќе настапат Виолета Томовска, Елита Зибери и ди-џејот Драган Б. Костиќ.