Твитер ја истражува суровата и координирана кампања на омраза чија цел е да се шират дезинформации за принцот Хари и Меган Маркл, пишува „Космополитан“ и потенцира дека има илјадници непримерни твитови.
Новиот извештај од независната аналитичка компанија „Бот Сентинел“ открива дека од 114,000 твитови за парот, Меган била на мета во 80% од објавите. Понатаму, 70% од ваквите твитови доаѓаат од 83 профили, за кои се чини дека имаат единствена цел да шират дезинформации за војводата и војвотката од Сасекс.
„Нашата анализа ни овозможи да изолираме 55 еднонаменски профили што ги идентификувавме како примарни профили на омраза и 28 секундарни профили на омраза кои главно ги засилуваат примарните“, се наведува во извештајот.
Заедно, профилите имаат вкупно 187,631 следачи, за кои Bot Sentinel проценува дека имаат „комбиниран единствен потенцијален досег од 17 милиони корисници“.
Кристофер Бузи, извршен директор на „Бот Сентинел“, изјави за „Баз-фид њус“ дека кампањата на Твитер против Меган не наликува на ништо што неговиот тим видел претходно.
„Нема мотив“, рече тој. „Кои се овие луѓе кои ја мразат? Дали е тоа расизам? Дали се обидуваат да го повредат кредибилитетот на Хари и Меган? Вашата претпоставка е добра како и нашата.“
„Оваа кампања доаѓа од луѓе кои знаат како да манипулираат со алгоритмите, манипулираат со Твитер, остануваат под жица за да избегнат да бидат откриени и суспендирани. Ова ниво на сложеност доаѓа од луѓе кои знаат како да ги прават овие работи, кои се платени за оваа работа,“ додаде тој.
Тој подоцна твитна дека осум профили се суспендирани, а четири се деактивирани.
Сега, „Твитер“ соопшти дека ќе го истражи дигиталниот напад врз двојката, а портпаролот им кажа на новинарите дека „Твитер“ активно ги истражува информациите и профилите наведени во овој извештај. „Ќе преземеме мерки за профилите што ги прекршуваат правилата на Твитер,“ рече тој.
Потемната страна на социјалните мрежи е тема за која и војводата и војвотката од Сасекс говореа јавно во минатото, при што Меган рече дека причината што ги избегнува Твитер и Инстаграм е за нејзиното сопствено самоодржување. Двојката се одјави од своите профили уште во март 2020 година, откако решија да ги напуштат своите должности како членови на кралското семејство.