Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма од страна на Џанг Ѕуо, новоименуван амбасадор на Народна Република Кина во Република Северна Македонија.
Претседателот Пендаровски рече дека досегашната соработка меѓу Република Северна Македонија и Народна Република Кина е успешна, пријателска, со континуитет на размена на посети на високо ниво и конструктивен политички дијалог.
„Особено би сакал да ја издвојам соработката во рамките на „Процесот за соработка 17+1″, чија рамка дава големи можности за проширување и за продлабочување на соработката. За нас, покрај соработката во рамките на „Процесот за соработка 17+1″, од исклучителна важност е и билатералната економска соработка која на задоволство и во заемен интерес на двете држави е исклучително интензивна и успешна”, изјави Претседателот на церемонијата на предавање акредитиви.
Претседателот Пендаровски го поздрави значајниот настан што ќе се одржи во нашата земја во ноември оваа година ‒ Културниот форум за земјите од „Процесот на соработка 17+1″ и упати честитки по повод одбележувањето на 70-годишнината од постоењето на Народна Република Кина со желби за натамошен просперитет и за благосостојба на пријателскиот кинески народ.
Амбасадорот Џанг Ѕуо рече дека традиционалното пријателство меѓу Кина и Северна Македонија е длабоко и дека Кина придава големо значење на развојот на односите со Република Северна Македонија.
„Од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите земји, двете држави одржуваат блиска размена на посети на високо ниво, силна политичка меѓусебна доверба и сеопфатен развој во соработката во областа на економијата, трговијата, културната размена, образованието, науката и технологијата, како и во инфраструктурата, а сето тоа резултира со материјални придобивки за луѓето од нашите земји, истакна кинескиот амбасадор.
Претседателот Пендаровски на новоименуваниот амбасадор му посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.