Обрадовиќ поднесе кривична пријава против Вучиќ за кршење на уставот

Претседателот на Српското движење Двери, Бошко Обрадовиќ денеска поднесе кривична пријава до Вишото јавно обвинителство во Белград против српскиот претседател Александар Вучиќ за, како што наведе, континуирано кршење на Уставот на Србија.

Обрадовиќ изјави дека Вучиќ е осомничен за загрозување на независноста на земјата, признавање капитулација и окупација, загрозување на територијалниот ентитет, како и подготвување дела против уставниот поредок и безбедноста на Србија.

– Најавивме кршење на Уставот (од страна на српскиот претседател Вучиќ), рече Обрадовиќ, додавајќи дека е крајно време да се поднесе кривична пријава.

Тој рече дека Вучиќ најавил подготовка на тоа дело на прес-конференција по неодамнешната средба со американските сенатори Рон Џонсон и Крис Марфи во Белград.

Според Обрадовиќ, Вучиќ го најавил ова „кога изјавил дека е подготвен да потпише признавање на независноста на Косово ако добие нешто за возврат”.

Обрадовиќ вели дека тоа не го направил само Вучиќ, туку во повеќе наврати и министерот за одбрана Александар Вулин, против кого исто така е поднесена кривична пријава.

Двери од Вишото јавно обвинителство очекува да постапи по двете кривични пријави.

Треба да знаете
Последни објави