Леклер славеше во Мелбурн, на Верстапен пак му се расипа болидот

Возачот на Ферари, Шарл Леклер утринава на ГП во Австралија на „Алберт парк“, оствари нова, втора победа сезонава, а и на третата трка сезонава тој го освојува дополнителниот бод со најбрз круг. Среќа немаше неговиот колега Карлос Саинц кој излета во вториот круг.

Ривалот од Ред Бул, Макс Верстапен поради проблеми со својот мотор на болидот мораше да се откаже на средина од трката. Ова е втор пат сезонава Холанѓанецот да не ја заврши трката поради проблеми со болидот.

Леклер возеше уште една трка одлично и се одбрани уште на самиот почеток од нападите на противниците од Ред Бул, па со денешната победа ја зголеми бодовната предност во генералниот пласман пред конкуренцијата.

Зад него завршија Серхио Перез од Ред Бул, па двата болида од Мерцедес, Џорџ Расел и Луис Хамилтон, по што следат двата возачи на Мекларен, Ландо Норис и Даниел Рикардо.

Со оваа победа, Шарл Леклер доаѓа до 71 бод по три трки, на втората позиција е Џорџ Расел со 37 бодови, потоа Карлос Саинц со 33, па следува Луис Хамилтон со 28 и Макс Верстапен со 25-те бодови од победата на претходната трка.

Во зона на бодови денес влегоа уште и Ландо Норис, Рикиардо, Окон, Валтери Ботас, Пјер Гасли и Алекс Албон.

Треба да знаете
Последни објави