Луѓето кои имаат фобија од мали дупки тврдат дека дизајнот на новиот „ајфон 11 про“ го активира ваквиот страв. На претставувањето на новиот телефон во вторникот, вниманието на јавноста го привлече ултра широката задна камера, со три леќи поставени блиску една до друга.
Терминот „трипофобија“ првпат беше споменат во 2005 година на онлајн платформата „Редит“ и оттогаш за него многу се дебатира на социјалните мрежи.
Актерката во „Американ хорор стори“ Сара Полсон и манекенката Кендал Џенер се меѓу познатите личности кои тврдат дека страдаат од ваква состојба.
Пред извесно време научници од Универзитетот во Есекс, ја спроведоа првата комплетна научна студија за трипофобија.
Тие констатирале дека гледањето во мали дупки кај некои луѓе може да предизвика екстремни последици. Така некои од испитаниците повраќале, а други рекле дека неколку денови не биле во состојба да одат на работа.