Легендарниот германски тенисер Борис Бекер денеска на судењето во Лондон беше прогласен за виновен за проневера и обид за измама при стечај, за што тоа му се заканува казна затвор до седум години.
Обвинението се состоеше од повеќе од 20 точки, но тој беше прогласен за виновен по четири.
Обвинителите го обвинија дека се обидел да сокрие пари и други вредни предмети, вклучително и тениски трофеи, во стечајната постапка и дека го сокрил својот имот.
Тие во наведената постапка истакнаа дека поранешниот тренер на Новак Ѓоковиќ им предал пари и други предмети на поранешната сопруга Барбара и ќерката и го сокрил поседувањето на имотот. Наводно криел и акции во една од фирмите.
Трикратниот победник на Вимблдон ги отфрли сите овие тврдења, на првото рочиште се изјасни за невин по една точка од обвинението, но … тоа, како и она што следуваше во постапката, не му помогна да биде ослободен.
Судот треба на посебна седница да соопшти каква ќе биде казната за констатираните прекршоци, а теоретски на Бекер во Велика Британија му се заканува затворска казна до седум години.
Да потсетиме, судот во Минхен во 2002 година го осуди Бекер на две години условно и парична казна од 300.000 евра за даночно затајување од околу 1,7 милиони евра.
Бекер прогласи банкрот пред пет години, а во моментот на банкрот неговите долгови беа проценети до 50 милиони фунти.