ХалкБанк и на 40-годишниот јубилеен Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки” се појавува во улога на партнер со цел поддршка на филмската традиција во земјава и значајните културните вредности.
Во таа насока ХалкБанк за времетраењето на реномираниот филмски фестивал – атрактивен како за филмските професионалци, така и за вљубениците во филмот од целиот свет, ќе ве води низ историјатот, почетоците и најзначајните моменти преку 40 факти, кои што сте ги заборавиле или воопшто не сте ги знаеле.
- Интернационалниот фестивал на филмската камера “Браќа Манаки”, што се одржува секоја година во Битола, организиран од Друштвото на филмски работници на Република Северна Македонија – ДФРСМ е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери.
- Фестивалот е основан во чест и како инспирација од богатиот фотографско-филмски опус на браќата Манаки, Јанаки (1878-1954) и Милтон (1880-1964).
- На 23 април 1979 година се одржале првите Денови на филмската камера „Милтон Манаки”. Одржувањето на оваа врвна филмска манифестација во Битола, денес е бренд на градот и државата и е вистинско место за една ваква манифестација на филмската култура.
- Јанаки Манаки купил филмска камера од Лондон, во производство на компанијата „Charles Urban Trading”, и тоа бил 300-тиот примерок од серијата BIOSCOPE. Кинематографијата на Балканот почнала со таа Камера 300, и токму така се нарекува и главната награда на овој филмски фестивал.
- Круна на фестивалската програма – „Златна камера 300″ е официјалниот натпревар на долгометражни филмови од најновата европска и светска продукција. Директорите на фотографија на филмовите кои учествуваат во оваа програма се натпреваруваат за Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300. Тоа се официјални фестивалски награди што ги доделува интернационално жири составено од пет члена.
- Досега, лауреати во Клубот на Великаните се, Виторио Стораро, Вадим Јусов, Раул Кутар, Тонино Дели Коли, Мирослав Ондричек, Анри Алекан, Фреди Френсис, Јиржи Војчик, Свен Никвиси.
- Покрај официјалниот натпреварувачки дел, сегмент од Фестивалот припаѓа на Програмата на краток филм, која нема натпреварувачки карактер и прикажува селекција од најдобрите остварувања на филмската продукција од последните две години.
- Во рамките на Фестивалот, паралелно се организираат работилници, семинари, дебатни сесии и изложби.
- Во месец март, 2019 година, Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки” ја доби меѓународната награда на Меѓународната асоцијација на кинематографери ИМАГО за исклучителен придонес за филмската уметност.
- Денес, имајќи го предвид целокупното творештво, браќата Манаки и нивниот придонес кон развојот на филмската уметност се дел од европската култура, вклучително и универзалната историја на филмската уметност.