Косовскиот преетседател Хашим Тачи, кој престојува во официјална посета на Јапонија, денеска се сретна со гувернерката на Токио Јурико Коике, на која и предложи збратимување на главните градови на двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на својата страница на Фејсбук, Тачи потсети на помошта што Јапонија ја додели за косовските бегалци по војната во 1999 година.
Коике, како тогашна пратеничка во јапонскиот Парламент, го посети Косово веднаш по војната и лично учествуваше во реализацијата на хуманитарната помош за косовските бегалци.
– Со гувернерката на Токио, Јурико Коике ја евоциравме 1999 година, кога Јапонија подари куќи за народот на Косово, за да им ги олесни деновите по војната. Тие куќи беа користени од јапонскиот народ по силниот земјотрес во 1995 година во градот Кобе. Поддршката во најтешките денови на војната е цврста основа за стратешка соработка меѓу Косово и Јапонија. Во духот на ширењето и јакнењето на овие односи побарав од гувернерката Коике да ја разгледа можноста за збратимување на Токио со Приштина, напиша Тачи.
Косовскиот претседател, кој престојува во Јапонија по повод 10-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји, денеска ќе биде примен од царот Нарухито, а предвидена е средба и со премиерот Шинѕо Абе.