Шведска не само што отсекогаш сме ја сметале за важен поддржувач и пријател во постигнување на нашите стратешки цели како што се европските интеграции, туку како земја претставувала и модел, еден вид и инспирација во насока на преземањето на соодветните реформи во духот на европските вредности, истакна вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на средбата со шведскиот министер за европски прашања, Ханс Далгрен.
Османи притоа посочи дека земјава очекува поддршка од Кралството Шведска и во претстојниот период, во пресрет на големата одлука во октомври за старт на преговорите со ЕУ оваа година.
Воцепремиерот Османи, на средбата што ја имаше во рамките на неговата посета на Кралството Шведска, изрази благодарност што во рамки на проектот „Нордиски напредок” кој се спроведува во земјава, Норвешка и Шведска заеднички го поддржуваат најважниот процес во овој момент – пристапните преговори т.е. што го поддржуваат целокупниот процес на интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ.
На средбата, како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, Османи реферираше и за тековните актуелности во земјава, а во врска со напредокот во клучните области како што е владеење на правото, реформите на безбедносните служби, правосудството и борбата против организираниот криминал и корупција.
Во рамки на работната посета на Шведска Османи претходно оствари средби и со претседателот на Парламентот на Андреас Норлен, како и со Министерот за меѓународна развојна соработка, Питер Ериксон.
Посета на Кралството Шведска претставува дел од турнејата на Османи за посета на европските метрополи пред одржување на Европскиот совет во октомври, која продолжува со посета на Брисел, по што следат Берлин, Варшава…