Главниот град на Франција се соочува со голем застој во сообраќајот како и огромни толпи народ кои трчаат кон неколкуте метро-линии откако вработените во јавните превозни претпријатија започнаа штрајк против новите пензиски реформи.
Од вкупно 16 линии во Париз, 10 се затворени, а превозот со останатите шест се одвива со прекини.
Француските медиуми пренесуваат дека голем број од вработените граѓани на работа заминале со велосипеди, пеш, или пак останале дома, додека превозниот оператор РАТП бесплатно нудеше електрични мопеди.
Ова е најголемиот штрајк од 2007 година и е првиот голем чекор против планот на претседателот Емануел Макрон за воведување на универзална пензија.
Овој план би заменил десетици различни пензиски планови за многу професии.
Голем број адвокати, екипажи на авио-компании како и медицински персонал повикуваат на штрајк повторно во понеделник.