Министерката за одбрана Радмила Шекериска, денеска заедно со амбасадорот на Република Полска во Република Северна Македонија, Војциех Тицињски беше во посета на Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец.
При денешната посета на Центарот, министерката Шекеринска и амбасадорот Тицињски имаа можност да го проследат почетокот на обуката на новата деветта генерација кандидати за воени пилоти, како и обуката на полските воени пилоти кои се обучуваат на симулаторот МИ24.
Министерката Шекеринска во изјава за медиумите соопшти две добри вести:
„Првата добра вест е дека Новата група на кадети кои се подготвуваат да бидат пилоти започна со обука и за прв пат после толку години на функционирањето на Центарот за обука на пилоти решивме еден од нивните егзистенцијални проблеми, а тоа е дека додека се на школување, тие ќе примаат плата и очекуваме дека тоа прво ќе им го подобри животот, ќе им го подобри квалитетот на образованието, но ќе стимулира и други полесно да се приклучат во овој процес.
Втората добра вест е дека Центарот за обука на пилоти, се повеќе стекна и меѓународна репутација и ми е задоволство што денеска и во овие вкупно шест недели, речиси 60 пилоти од полската Армија, ќе добијат обука на симулатори, токму во нашиот Центар за обука на пилоти. Веќе во следниот период уште 30 пилоти на бугарската Армија ќе го сторат истото и тоа покажува дека Република Северна Македонија како идна членка на НАТО веќе има квалитет и знаење кое што може да го понуди на сојузниците” рече Шекеринска.
Шекеринска ги повика младите кои имаат интерес за оваа професија да се пријават на конкурсот во октомври
„Веќе на почетокот на октомври започнуваме нов конкурс и навистина ги повикувам сите млади кои што имаат страст, кои што им изгледа летањето привлечна професија, да се пријават, да ги поминат можеби тешките тестирања, меѓутоа да ги добијат сатисфакцијата да бидат едни од елитните единици во нашата Армија” истакна министерката.
Амбасадорот на Република Полска Војциех Тицињски рече дека одбранбената соработка меѓу двете земји е интензивна и се развива. Во Центарот за обука на пилоти тој имаше можност да ја проследи практичната димензија и обуката на полските воени пилоти.