Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека неговата лична поврзаност со американскиот колега Доналд Трамп може да помогне во надминувањето на кризата во односите меѓу двете земји, предизвикана од одлуката на Анкара да ги купи руските одбранбени системи „С-400″.
Ердоган кажа и дека со Трамп ќе разговара за можностите Турција да ги купи од САД системите „Патриот”.
По одлуката на Турција да ги купи руските системи „С-400″, Стејт департментот соопшти дека завршила понудата за купувањето на американските одбранбени системи „Патриот”.
Ердоган, меѓутоа, за британските медиуми изјави дека со Трамп пред две недели веќе разговарал за купување на „Патриот”, како и дека со него на оваа тема ќе разговара и кога подоцна овој месец ќе се сретнат на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
-Му кажав, без разлика на тоа колку „С-400″ ќе добиеме, ние можеме од нив да купиме одредено количество „Патриоти”, но и кажав дека мораме да видиме и какви ќе бидат условите, за нивните системи барем малку да се слични со „С-400″, рече Ердоган.