Економските политики на Владата предводена од СДСМ даваат реални, видливи резултати од кои придобивки имаат сите граѓани, економијата е стабилна и се движи во добар правец, изјави Кирил Колемишевски, претседател на Комисија за економија на СДСМ.
-Последниот показател за успешноста на економските реформи е растот на извозот во првите седум месеци од годинава кој е за 14,5 отсто поголем во однос на истиот период од 2018 година.
Успесите во економијата се и меѓународно признати. Според Индексот на економски слободи за 2019, објавен од фондацијата „Херитиџ” државата е рангирана на 33 место во светот според индексот на економски слободи за 2019 година. Со тоа, нашата држава е најслободна економија во регионот. При рангирањето, Индексот зема предвид четири фактори: владеење на правото, јавното трошење, регулаторна ефикасност и отвореност на пазарот.
Нашата држава е оценета како макроекономски стабилна, а треба да се работи повеќе на фискалната политика, непродуктивните трошења и сивата економија. Како одговорна партија сериозно ги сфаќаме и критиките на „Херитиџ”. Затоа, со политиките што веќе се имплементираат ќе се зајакне системот на спроведување на законите и подобрување на состојбите во адресираните прашања. Продолжуваме посветено да работиме на спроведување на политиките што обезбедуваат економски раст и развој, зголемена конкурентност и стопанство ослободено од политички притисоци. Градиме развојна економија што отвора шанса за сите, рече Колемишевски.