Сакам пријатели и пријателства, сакам да учам и многу да работам, рече германскиот актер, режисер и сценарист со турско потекло Фатих Акин, специјален гостин на ИФФК „Браќа Манаки”.
Во интерактивен разговор со акредитираните новинари, актери и кинематографери, како и публика од градот, државата и странство, Акин сподели искуства од филмската уметност на која и е посветен, како и соработката со кинематограферите и посебно со Рајнер Клаусман која датира од 2002 година.
-За мене најценето е верното пријателство и тогаш најмногу вложувам енергија и креативност. Со кинематограферот Рајнер Клаусман соработуваме од времето кога бев актер, во филмот „Солино”, а потоа и филмот „Со глава в ѕид” за кој како што е познато на фестивалот во Битола освои златна „Камера 300″. Како тандем со Клаусман се разбираме брзо и јасно и затоа можеби сме успешни, рече меѓудругото Акин на ИФФК „Браќа Манаки”, додека пак кинематограферот Клаусман поентираше со реченицата – денот кога го запознав и соработувам со Акин е ден на кој како да сум добил џек-пот.
Во чест на специјалните гости на ИФФК „Браќа Манаки”, режисерот Фатих Акин и кинематограферот Рајнер Клаусман, синоќа во Битола беше приредена специјална филмска проекција на нивниот најнов филм „Златната ракавица”, инспириран од вистински настан, според романот на Хајнц Штрук, за кој филмските критичари нагласуваат дека годинава ја шокирал публиката во Берлин, како бизарен и тежок филм.