Во еден од најголемите светски центри за истражување на вирусите во Сибир вчера избил пожар откако се случила експлозија, јави денеска „Раша тудеј”.
Центарот лоциран во Колтсово, оддалечен неколку километри од Новосибирск е познат по тоа што во него се чуваат примероци на ебола, ХИВ, антракс и други вируси.
По експлозијата огнот го зафатил рускиот истражувачки центар за вирусологија и биотехнологија познат како „Вектор институт”.
Лабораторијата е позната по тоа што развива вакцини против ебола и хепатитис, како и по проучување на епидемии и општи проблеми на имунологијата.
За време на Студената војна се претпоставуваше дека центарот во Колтсово беше дел од сега пропадната советска програма за биолошко оружје, што значи дека некои од најопасните вируси, меѓу кои на сипаници, ебола, чума и антракс се уште се чуваат во зградата на „Вектор институт”.
Огнот набрзо бил изгаснат по интервенцијата на 38 пожарникари кои пристигнале со 13 противпожарни возила. Пожарот избувнал на четвртиот кат каде се изведувале градежни работи.