Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска присуствуваше на презентација на новиот проект на Организацијата за земјоделство и храна (ФАО), „Интегриран рурален развој и подобрување на условите за живот во руралните средини“. Проектот е во вредност 275 илјади долари и ќе започне да се реализира во текот на оваа недела.
Проектот се спроведува како дел од Регионалната иницијатива на ФАО за зајакнување на малите земјоделски стопанства и семејните фарми за подобрување на руралниот живот и намалување на сиромаштијата, и се очекува да биде завршен до средината на 2021 година. Проектот има за цел да ги реши клучните проблеми на руралните жители со тоа што ќе им помогне на малите земјоделски стопанства и семејните фарми да ги подобрат условите за живот, да добијат пристап до пристојна работа и продуктивно, одржливо вработување.
Министерот Димковски посочи дека изминатите две години континуирано се работи на креирање на мерки коишто ќе резултираат со подобрување на условите за земјоделско производство во руралните средини, што крајно ќе влијае и врз севкупната економија.
„Проектот ќе помогне во поддршка на развојот на локалната заедница, помагајќи им на малите земјоделски стопанства да применат одржливи технологии на производство, да инвестираат во мерки за прилагодување кон климатските промени, да ги диверзифицираат нивните приходи, да пристапат до средства за механизација или друга опрема, да го подобрат вредносниот синџир и пристапот до нови пазари.
Со соодветна поддршка и програмски пристап кон руралниот развој, избраните пилот заедници можат да бидат модел кој потоа би се применувал и во другите делови од земјата, за постигнување одржлив локален развој, обезбедување храна и ублажување на руралната сиромаштија во Република Северна Македонија“, изјави министерот Димковски.
При тоа, министерот Димковски потенцираше дека во насока на подобрување на условите за живот во руралните средини, Владата на Република Северна Македонија за мерките од Програмата за рурален развој наменети за општините, обезбеди 38 милиони евра за реализација на над 200 капитални проекти кои ги подготвија општините и кои веќе започнаа да се реализираат.
За да се постигне програмски пристап кон руралниот развој во Северна Македонија, проектот ќе избере две целни заедници во кои спроведување на консолидација на земјоделското земјиште е изводливо и веќе во тек, како што покажаа и неодамна спроведените физибилити студии за консолидација на земјиште во рамките на тековниот проект финансиран од Европската унија “Воведување на национална програма за консолидација на земјиште (МАИНЛАНД), спроведуван од ФАО во соработка со МЗШВ.
Врз основа на утврдените потреби, покрај напорите за консолидација на земјиштето, проектот ќе помогне во зајакнување на развојот на локалната заедница, помагајќи им на малите земјоделски стопанства да применат одржливи технологии на производство, да инвестираат во мерки за прилагодување кон климатските промени, да ги диверзифицираат нивните приходи, да пристапат до средства за трактори или друга опрема, да го подобрат вредносниот синџир и пристапот до нови пазари.
„Постои јасна потреба да се поддржат македонските рурални заедници преку интегриран пристап – здружување на различни иницијативи за зајакнување на руралните области – како поддршка за развој на вредносниот синџир, подобрено организирање, засилено и одржливо производство и подобрувања во земјоделската инфраструктура “истакна Мортен Хартвигсен, менаџер на Регионалната иницијатива на ФАО за малите земјоделски стопанства и семејни фарми.