Разводот голем стресоген фактор како операција без анестезија

Динамичниот стил на живеење, променетите вредносни модели на однесување кај луѓето, либералниот бракоразводен режим, остварувањето на личните потреби и интереси пред оние на семејството несомнено влијаат на брзото зголемување на бројот на разводи во изминатите неколку децении.

Во развиените држави разводот на бракот се должи на еманципацијата на жената и на модерниот начин на живеење. Во овие земји постои еден вид послободна заедница, која не е толку врзана за законите и за традицијата, туку бракот трае колку и согласноста на брачните партнери.

Нашата држава се приближува кон некои европски стандарди на однесување, на брзо живеење, на брзи, дури и непромислени одлуки. Избрзаното стапување во брак, според психолозите, пред добро да се запознаат брачните другари кои стапуваат во една заедница, се последица на брзо раскинување за заедницата што според статистичките податоци за развод се утврдува дека трае формално само една година.

Бројот на склучени бракови во државава бележи пад, но намалување има и кај бројот на разведени бракови, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според ДЗС бројот на разводите во 2018 година бележи намалување од 18,8 отсто во споредба со претходната година и изнесува 1.620 разведени бракови. Во 2017 година имало 374 повеќе разведени бракови, односно регистрирани се вкупно 1.994.

Најмалку разводи во текот на 2018 годината имало во август, а најмногу во декември. Според траењето на бракот, како што информираат од ДЗС, најголем број разводи – 322, се случиле од пет до девет години по склучување на бракот.

Д-р Љубинка Дамјановиќ, специјалист по психијатрија во ЈЗУ Завод за ментално здравје-Младост, Скопје посочува дека стресот на секојдневното живеење, различните навики, несогласувањата, нарушената комуникација меѓу партнерите, физичко, психичко и емоционално насилство, финансиски проблеми, изневерување… и слично доведуваат брачната заедница да се разведе.

-Бројот на разведени бракови од новосклучени во Македонија секојдневно е во пораст. Разводот е голем стресоген фактор за понатамошното функционирање, психолозите го дефинираат како операција без анестезија, затоа што разводот на бракот во кој се подигале децата, се градело семејството и се стекнувал заедничкиот имот, оддеднаш се се растура како кула од карти. Ако вредностите на одредена средина или личност ја исклучуваат можноста за развод и се осудуваат оние кои предходно се разведени, интензитетот на стрес ќе биде поголем, а разводот ќе предизвика подолгосежни и подлабоки последици, вели Дамјановиќ.

Во ординацијата, како што посочива таа,  се почесто родителите бараат совет, помош, пред се во врска со чувањето и грижата за заедничките деца по разводот.

-Во ординацијата почесто доаѓаат жените кои после разводот се соочуваат со финансиски и станбени проблеми, грижа за деца, а особено оние после 50-та година од животот и постари…. Надминувањето на депресивна реакција, која може да се продлабочи до тешка депресивна епизода, до обид за суицид бара психолошка поддршка од средината, вклучување антидепресивна терапија и редовни контроли и следење од стручно лице, вели Дамјановиќ.

Дека разводот не ги одминува и луѓето од повозрасната доба, Дамјановиќ посочува пример на 74-годишна пациентка, која со помош на терапија ги надминала емотивните потешкотии.

– Во текот на разводот, имаше обид за суицид… но со терапија, редовни контроли кај психијатар, психолог, консултација со адвокат (во врска со правни работи за заеднички имот) за кратко време се надминаа емотивните потешкотии, пациентката си го преструктуира животот и продолжи понатаму да чекори, вели таа.

 

Кога се работи пак за склучени бракови во текот на 2018 година, според ДЗС и овде е забележано намалување за 2,1 отсто во однос на претходната година и изнесува 13.494 склучени брака.

Статистиката покажува дека најмногу бракови, 1 665 или 12.3 отсто се склучени во месец август, а најмалку, 738 или 5.5 отсто во месец март.

Минатата година, според статистичките податоци, и жените и мажите најчесто застануваат пред матичар на возраст од 25 до 29 години.

Праксата како што вели Дамјановиќ, покажува дека луѓето многу ретко доаѓаат да се посоветуваат пред стапување во брак и такви случаи се бројат на прсти.

-Идните брачни партнери треба да се запознаети со наследни болести, финансиска состојба, различна национална припадност кои понатаму и тоа како влијаат врз нивниот семеен живот и животот на поширокото семејство и средината во која ќе живеат. Треба да бидат подготвени за предизвиците со кои ќе се соочат, и со заеднички вложувања да ги надминат, вели д-р Љубинка Дамјановиќ.

Треба да знаете
Последни објави