Во Музејот на Република Северна Македонија денеска ќе биде одбележан почетокот на манифестацијата Европски денови на културното наследство во нашата земја. Во таа пригода ќе биде отворена изложбата „На маргините на Скопскиот Регион – сакрални објекти и рурална архитектура“, којашто се реализира во соработка со Центарот за културно и духовно наследство „Каламус“.
Автор на концепцијата за изложбата е м-р Дарко Николовски, советник-конзерватор во Националниот конзерваторски центар. На отворањето на манифестацијата на присутните ќе им се обрати заменик-министерот за култура на Република Северна Македонија, Владимир Лазовски, во присуство на директорот Гордан Николов. Темата на годинешното издание на Европските денови на културното наследство во нашата земја, како и во повеќето европски држави, е „Уметност и забава“.
Предвидено е активностите во рамките на манифестацијата да се реализираат во периодот од 23 до 29 септември 2019 година.
Во координација на Музејот на Република Северна Македонија, низ целата земја ќе бидат организирани отворања на изложби, предавања, едукативни активности, проекции на филмови, промоции на книги и други активности поврзани со заштитата на културното наследство, со основна цел промоција на нашето културно богатство и доближување до пошироката јавност.