Министерот за локална самоуправа Горан Милевски заедно со градоначалникот на Штип, Благој Бочварски денеска направи увид во градежните работи на новата современа детска градинка која што е во финална фаза на изградба. Проектот се реализира со финансиска поддршка на Министерството за локална самоуправа и со средства од општина Штип.
Проектот е во вредност од 52 милиони денари, а Министерството за локална самоуправа финансиски го помогна со 16 милиони денари од Програмата за рамномерен регионален развој за 2018 година. Најголемиот обем на средства го обезбедува општина Штип, од сопствениот буџет.
-После неколку децении ова е првата нова детска градинка што се гради во центарот на Источниот плански регион, во Штип. Градиме инфраструктура со план, она што им е потребно на граѓаните. Во 2019 година ги дуплиравме средствата за проекти.Од Програмата за рамномерен регионален развој во Источниот плански регион годинава се финансираат 14 нови проекти за развој на регионот, на селата и на специфичните подрачја, во вкупна вредност од 49 милиони денари, изјави министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, кој истакна дека со Законот за рамномерен регионален развој на чии што измени се работи, се планира да се обезбеди зголемен обем на средства за финансирање на проекти во планските региони и во општините.
-Штип треба да биде пример како сите општини треба да го планираат својот урбан развој. Неопходно е да се модернизира јавната инфраструктура и надвор од Скопје, во другите делови на државата. Современи училишта, современи градинки, не смее да бидат привилегија само за централните скопски општини. Сите граѓани ќе добијат воедначени јавни услуги, а за само неколку месеци во Штип над двесте деца ќе бидат згрижени во современ објект од 1 600 квадратни метри изграден по највисоки стандарди, рече министерот Милевски.