Брзото зголемување на бројот на мигранти кои од Турција пристигнаа на грчки Лезбос ја предизвика најлошата криза на островот во последните четири години, кога бранот на бегалци го достигна својот врв.
Локалните и безбедносните власти денеска ќе одржат вонреден состанок по овој повот.
Во бегалскиот камп Морија веќе нема простор за сместување нови луѓе, бидејќи во моментов таму се 12.000 мигранти, што е за четири пати повеќе од планираниот капацитет.
Стотици мигранти кои не успеале да се сместат во кампот спијат на отворено или во шатори, пренесува АП.
Грчката влада вети поинтензивни поморски патроли и најави дека ќе побара дополнителна меѓународна поддршка.
Министерот за одбрана, Никос Панагиотопулос, изјави дека војската ќе обезбеди поголема поддршка за крајбрежната стража на островот во Егејското Море.
Грчкиот премиер Киријакос Микотакис се очекува да разговара за кризата со американскиот претседател Доналд Трамп и со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.