Претседателот на руската влада, Дмитриј Медведев, соопшти дека го потпишал указот за ратификација на Парискиот климатски договор, пренесува „Спутник“.
„Ајде да почнеме со важниот документ – го потпишав указот од владата кој се однесува на ратификацијата на Парискиот климатски договор“, рече Медведев на состанокот со вицепремиерите.
Според него, руската економија треба да се развива со користење нискоенергетски и „зелени“ технологии.
„Сепак, за тоа се потребни значајни инвестиции бидејќи во Русија нема слични индустриски гранки“, посочи тој.
Кон крајот на 2018 година, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека смета оти реализацијата на Парискиот климатски договор не претставува закана за индустрискиот развој на Русија.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, претходно истакна дека нема алтернатива за Парискиот климатски договор, првиот глобален климатски договор во кој е пропишан план на дејства за спречување на глобалното затоплување.
Договорот го потпишаа повеќе од 190 земји во декември 2015 година, а Русија го потпиша на 22 април 2016 година.