Иако американскиот воен буџет е десет пати поголем од рускиот, Русија доста ефикасно им се спротивставува на САД, благодарение на својата наука, индустријата и новите достигнувања, но нам не ни требаат повеќе средства затоа што немаме намера да нападнеме никого, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во интервју за Московски Комсомолец.
„САД трошат големи суми пари на приватни компании, носачи на авиони, а имаат и 170 бази ширум светот. Само за операцијата во Авганистан, САД имаат трошоци што се скоро еднакви со годишниот буџет за одбрана. Но, дали Русија има потреба од пет или десет носачи на авиони, ако никого не сака да нападне“, запраша Шојгу.
Според него, јасно е дека воениот буџет на Русија не може да се спореди со тој на САД, кој е десет пати поголем, додавајќи дека Русија според тој индикатор е дури седма земја во светот.
„Најважно е дека ние сме доста ефикасни во воените расходи, кои многу прецизно се трошат и кои внимателно ги следи нашиот врховен командант“, кажа Шојгу.
Во рамките на интервјуто, рускиот министер укажува и на, како што вели, практиката на Западот да го уништи кој било правен авторитет што не им одговара, во која било земја, под изговор дека сакаат да промовираат демократија.
„Која земја демократски заживеа по американска воена интервенција: Ирак, Авганистан или Либија? По секоја американска интервенција едноставно можете да заборавите на суверенитет и независност. И дали некого воопшто изненадува фактот што во Либија повеќето нафтени полиња припаѓаат на американски компании или компании кои се под американска контрола“, запраша Шојгу.