Заменик министерот за животна средина и простoрно планирање, Јани Макрадули денес и утре учествува на 18-тиот Светски конгрес за чист воздух (WCAC), кој од денеска до 27 септември се одржува во Истанбул, Република Турција.
Во рамки на денешната сесија „Предизвици и можности во управувањето со квалитетот на воздухот во Европа и Централна Азија заменик министерот имаше свое обраќање.
Говорејќи за глобалниот предизвик за справувањето со аерозагадувањето, Макрадули во своето обраќање, се осврна на имплементацијата на Планот за чист воздух, како и на предизвиците со кои се соочува нашата држава од аспект на подобрувањена квалитетот на воздухот.
На маргините на Светскиот конгрес за чист воздух, заменик министерот одржа работен состанок со генералниот директор на Меѓународната унија на здруженија за спречување на загадување на воздухот (IUAPPA), Ричард Милс, на кој беше договорено потпишување на протокол за пристапување на Република Северна Македонија како членка на Унијата.
Светскиот Конгрес за чист воздух има за цел да обезбеди светска платформа преку која на научниците, креаторите на политиките и бизнисмените им се овозможува да разговараат за најнапредните научни знаења и најновите напредоци и технички решенија за подобрување на квалитетот на воздухот.
Светскиот конгрес за чист воздух (WCAC) е организиран од Меѓународната унија на здруженија за спречување на загадување на воздухот (IUAPPA), со поддршка на Европската федерација за чист воздух (EFCA) и Федерацијата за чист воздух во Азија (CAA) поддржани од Светската здравствена организација (СЗО), Конвенцијата за прекугранично загадување на воздухот со долг дострел (LRTAP), Коалицијата за клима и чист воздух (CCAC) и други поголеми институции кои на меѓународен план овозможуваат помош и соработка во борбата против загадувањето на воздухот.