Бектеши: Спроведуваме мерки за енергетска ефикасност и користење обновливи извори на енергија

Новиот Закон за енергетика што беше донесен лани и е целосно во согласност со новите директиви за заштита на животната средина и за поттикнување на инвестициите во обновливите извори, веќе почна да се имплементира, објавени се неколку јавни повици и во тек е евалуација на сите понуди за градење на фотонапонски централи, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Говорејќи на панел дискусијата „Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност за подобра животна средина”, што се одржа во организација на Институтот за комуникациски студии, Бектеши нагласи дека истовремено при крај е изработката на законот за енергетска ефикасност, за кој очекуваме во третиот квартал од оваа година да го усвои Владата, а потоа да продолжат сите процедури во Собранието.

Министерството, како што посочи Бектеши, спроведува три мерки за енергетска ефикасност и за поттикнување на користењето на обновливи извори на енергија, како градење на соларни колектори, замена на дрвните прозорци со Пе-Ве-Це и набавка на печки на пелети од страна на домаќинствата. Тој информира дека во текот на оваа недела ќе биде објавен огласот за печки на пелети, додавајќи дека интересот кај граѓаните е голем.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во обраќањето на памелот изјави дека природниот гас може да се користи совршено за сите енергетски потреби, наведувајќи дека основните карактеристики на овој реагенс е тоа што најмалку 20 проценти е помала емисијата на штетните гасови и речиси воопшто не ослободува сулфурот.

Тој смета дека е многу важно земјава да влезе во процес на терцијална гасификација, односно гасот да биде достапен за широка потрошувачка, односно до домаќинствата.

– Примената на гас за домаќинствата значи поекономично греење, што мислам дека е атрактивно затоа што се намалуваат трошоците за затоплување на домовите и може да дојде до подобрување на економската состојба на граѓаните во краток рок, а за индустриските капацитети значи намалување на трошоците и можност за инвестирање во нови технологии, рече Шилегов.

Дејан Андонов од Институтот за комуникациски студии, пак, посочи дека според климатските сценарија за нашата земја, во наредните педесетина до 100 години не очекуваат потопли лета, помалку врнежи и екстремни временски непогоди што може да предизвика и проблеми во домашното производство на храна, водните ресурси, шумарството, биолошката разновидност, здравствениот систем, туризмот, па дури и културното наследство.

– Поради овие можни штетни последици и негативни влијанија потребно е исполнување на политиките за прилагодување и ублажување на климатските промени и спроведување ефективни решенија во секторите кои најмногу придонесуваат за емитување стакленички гасови во воздухот, како што се енергетскиот сектор, депониите за цврст отпад, патниот сообраќај, производствената индустрија и градежништвото, вели Андонов.

Институтот го организира овој настан како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!”. Кампањата се реализира во рамки на проектот „Поддршка за добро владеење преку граѓанско учество за поголема транспарентност и отчетност на институциите”, финансиран од Британската амбасада во Скопје. Кампањата започна во март и во наредниот период ќе се фокусира на постоечките ризици и можните последици од климатските промени во државата.

Треба да знаете
Последни објави