Вештините се клучни за кадарот да биде по мерка на бизнисот

Тромаво образование кое е нефлексибилно кон потребите на бизнисот, неправилна уписна политика во средните училишта и факултетите, недостиг на практиканство и обуки, но и слаб интерес на работодавачите да влијаат учествувајќи во креирање на наставните програми и курикулумите за да се продуцира соодветен кадар, се главните фактори за неусогласеноста меѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот. Проблемот дополнително го усложнуваат миграциите и одливот на млади од државата. На панел-дискусијата „Стручен кадар по мерка на бизнисот” што денеска ја организираше Стопанската комора на Македонија беше заклучено дека клучни се вештините и дека во бизнисот на 21 век не е важно што знаете, туку да знаете да сработите.  Дуалното образование т.е. работа во реални компании за време на образованието  ќе го поттикне развивањето  на компетенциите.

Наташа Јаневска, која била државен советник во МОН и вклучена во реформите за стручно образование и обука, а сега е дел од СКМ, рече дека образованието не ги следи економските трендови и е гломазен апарат кој не може да излезе во пресрет на брзите промени. Според неа, треба да се мотивираат учениците да се запишуваат во стручните училишта и да се подигне нивниот квалитет за да бидат привлечни за нив.

-Имаме 58 отсто запишани во стручно образование, а останатите ученици одат во гимназиите и уметничките училишта. Доколку сакаме да имаме стручен кадар и економски богата држава, мораме да ја смениме оваа парадигма… Единствена можност гледаме во дуалното образование. Треба да имаме и мотивиран и квалитетен образовен кадар, но и посветени компании кои ќе ги привлекуваат учениците за да ги развиваат стручните вештини. Нашата визија е 70 ученици запишани во стручно образование, а 30 во гимназиското и уметничкото, рече Јаневска.

Заклучно со август 2019, во Агенцијата за невработени се регистрирани 198 000 лица без работа, но од нив само 100 илјади се изјасниле дека активно бараат работа.

Никица Мојсовска-Блажевски, главен извршен директор на „Македонија 2025″, истражувач на пазарот на труд и универзитетски професор по економија, рече дека „вртоглаво” паѓа учеството на млади од 15 до 29 години во вкупната популација и за четири години нивниот процент е намален од 24 на 20, односно 420 000.

– Четвртина од нив, односно 105 илјади млади луѓе на оваа возраст се неактивни, ниту се вклучени во образованието, ниту на пазарот на трудот…. Околу половина милион граѓани на земјава се неактивно население и се неискористен резервоар, за кој носителите на политиките воопшто не сакаат да зборуваат, зашто ако тие се активираат на пазарот на труд, невработеноста ќе се зголеми. И си велат – подобро да останат неактивни, отколку да се појават како невработени. Но за работодавачите тие се таргет-група, рече Мојсовска-Блажевски.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески им порача на претставниците на компаниите присутни на панелот дека самите треба да се активираат за да добијат адекватен кадар, посочувајќи ја Словенија каде што тоа функционира зашто е на товар на работодавачите.

– Фокусот ние треба да го свртиме кон нас самите. Зашто не гледам политика на државата кон ова прашање. Ако ние живееме во пазарна економија, така треба да ги гледаме и работите. Зошто треба државата да регулира нешто кога таа е лош регулатор. Таму каде што се замешала, направила хаос, Ние треба подобро да се организираме, да ја отфрлиме регулативата на државата која видовме што направи од образованието – 195 факултети, 135 средни училишта и никаква реакција за укинување на ниту едно,  рече Азески.

Треба да знаете
Последни објави