Едно од најголемите оперски имиња во светот, Пласидо Доминго, веќе нема да настапува во Метрополитен во Њујорк по обвинувањата од неколку жени за наводно сексуално вознемирување.
Водечкиот светски тенор требаше да настапи во Метрополитен во „Магбет“. Според Ројтерс, и славниот уметник и Метрополитен соопштија дека тој веќе нема да настапува во една од најголемите оперски куќи во светот.
„Операта Метрополитен потврдува дека Пласидо Доминго се согласил веднаш да се повлече од сите идни претстави на Мет. Мет и Доминго се согласија дека тој треба да се повлече“, се вели во соопштението.
Повеќе од 30 пејачи, танчари, музичари, наставници по пеење и други вработени во оперската куќа потврдија во последните неколку недели биле сведоци на неговото несоодветно однесување кон жените во последните три децении.