Најмалку седум држави се заинтересирани да и понудат на Хрватска купување 12 борбени авиони, објави загрепски „Јутарњи лист”.
Весникот пишува дека четвртата седница на Меѓуагенциската комисија за набавка на борбени авиони треба да се одржи денеска, по што се очекува соопштение за кои држави станува збор.
Според списокот на „Јутарњи”, од извори блиски до Комисијата, досега интерес покажале најмалку седум држави, а меѓу нив најголемо изненадување е Израел, кој повторно и нуди на Хрватска авион Ф16 Барак, поради кој пропадна претходниот тендер откако САД не му ја дозволија на Израел таа продажба.
Но, овојпат, според весникот, Израел би се договорил со производителот на авиони „Локхид Мартин” и со дозвола од САД.
Други земји кои досега покажале интерес да и продадат бомбардери на Хрватска се: Италија, Франција, Шведска, САД, Норвешка и Данска.
Тие седум земји ја известија Хрватска дека се подготвени да продадат шест различни модели на авиони.