Забрзување на спроведувањето на кривичните постапки за кривични дела сторени како резултат на семејно насилство, почитување на законските рокови од страна на судиите, избегнување ревиктимизација на жртвата во постапката, како и воспоставување евиденција на семејно насилство во судовите, како и во сите останати институции што постапуваат во предмети од ваков вид, се дел од препораките што произлегуваат од истражувањето на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, што денеска беа презентирани на Форумот со судиите, јавните обвинители и стручни лица од надлежните институции, кои се вклучени во обезбедување помош и поддршка на жените кои претрпеле семејно насилство.
Стојан Мишев од Здружението ЕСЕ информира дека тие имаат конкретни препораки во однос на тоа кои закони треба да се изменат и кои законски одредби треба да бидат усвоени во однос на постапување на судии и стручни лица за зголемување на пристапот до правда на жените кои претрпеле семејно насилство.
– Една жертва која претрпела семејно насилство кога ќе се иницира судска постапка, за неа да нема судски трошоци, да не мора сама да ги покрива потребните трошоци за обезбедување докази, во текот на постапката да нема непотребно одложување на судските рочишта во смисла на развлекување на потребната заштита на жртвата, координираност помеѓу институциите при спроведувањето на привремените мерки за заштита на семејно насилство, односно мерките што ги изрекува судот, а ги спроведуваат полицијата, Центарот за социјална работа и здравствените установи, појасни Мишев.
Според директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Наташа Габер, регулирањето на семејното насилство во позитивното законодавство на нашата држава ја смести Република Северна Македонија меѓу државите кои покрај задолжителното пружање соодветна заштита на жртвата на семејно насилство воведоа и комплементарна правна заштита на жртвите во овие случаи.
– Во 2004 година првпат се регулираше проблемот на семејно насилство кај нас како во граѓанското, така и во казненото законодавство, со што се обезбеди сообразност на меѓународните стандарди и препораки во оваа сфера кои налагаат воведување сеопфатни законски решенија, односно инкриминирање на семејното насилство и воведување привремени мерки кои се однесуваат на жртвите на семејното насилство, рече Габер.
Последните статистички податоци од владините и невладините институции покажуваат дека семејното насилство посебно врз жените е во нагорен тренд. Една од причините, според истражувањата, е ниската свест на жртвите за нивните права, но се посочуваат и ниските казни за сторителите на семејното насилство.
Според Габер, треба да се воспостави развиен мултисекторски координиран пристап во заштита на жртвите на семејно насилство, односно како да се воспостави синергија на сите кои професионално се бават со ова прашање.
Значајни сегменти за превенирање на оваа појава директорката на Академијата ги смета и зголемената сензибилизираност, знаење и вештини на професионалните структури, особено на јавните обвинители и судиите за извршените акти на семејно насилство, како и во делот на казнената политика.