Првиот астронаут од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ќе биде лансиран во вселената со пакет строги исламски насоки кои му кажуваат како да ја практикува својата религија на Меѓународната вселенска станица (МВС), пренесува „Галф њуз“.
Како муслиман, Хаза ал Мансури треба да се моли пет пати на ден, но прашање е како би го сторил тоа поради временските и просторните ограничувања. Хаза ќе ја обиколува Земјата на секои 90 минути, што значи дека ќе биде сведок на 16 зајдисонца и изгрејсонца на ден.
Од посветените муслимани се очекува да се молат и да постат според времето од денот, без разлика каде се наоѓаат.
„Како професионален пилот, се навикнав да се молам додека летам со голема брзина. Секако во вселената ќе биде малку поинаку. Планирам да снимам молитва додека слегувам на Земјата“, одговори Хаза на прес-конференцијата во „Бајконур“.
А како ќе ги исполни своите верски обврски додека е на бродот на МВС? Исламските религиски власти во Дубаи ја решија оваа дилема за Хаза со молитвена брошура и му препорачаа да се раководи според времето на Мека во Саудиска Арабија.
Претходниот астронаут муслиман, малезискиот шеик Музафер Шукор, беше советуван да се раководи според времето во Казахстан, каде што се спушти неговата ракета.
„Но, Мека, како најсвет град во исламот, има предност бидејќи нема смисла да се следи времето на земјата на лансирање“, се вели во брошурата на ОАЕ.
Тие го советувале Хаза да се врти кон Земјата додека се моли ако е тоа можно. Властите во Дубаи велат дека Хаза исто така треба максимално да се потруди да го испочитува ритуалот на миење пред молитва, но ако водата не му е достапна, тогаш би можел да користи камен или зрно песок.
Хаза треба да се врати на Земјата на 3 октомври заедно со Ник Хејг од НАСА и со рускиот космонаут Алексеј Овчинин.