Општините и Градот Скопје за јавни набавки потрошиле 97 милиони евра склучувајќи 3898 договори со 1331 фирма. По две години намалување, вредноста на јавните набавки на локалните власти во 2018 година е зголемена за 17 милиони евра, односно за 21% во однос на претходната година.
На врвот според договорите за јавни набавки останува Град Скопје со 14 милиони евра, но и со огромен пораст на вредноста на јавните набавки во однос на претходната година од 42%, односно за 4,2 милиони евра. Куманово со 4,9 милиони евра скокна од ланското трето на второто место, додека Аеродром ја загуби позицијата во првата тројка и на негово место годинава се искачи Струмица со набавки во вредност од 4,1 милион евра.
Двете општини кои претходно биле на четвртото и петтото место – Битола и Тетово – паднале на 14-то и 20-то место според вредноста на јавните набавки. И кај двете вредноста на набавките се преполовила во однос на претходната година. Битола од 4 милиони евра паднала на 2,2 милиони евра (-45%), а Тетово од 3,9 милиони евра на 1,7 милиони (-56%). Ваков значаен пад има и кај Штип која од 2,8 милиони евра, во 2018 имала набавки од само 1,4 милиони евра со што од деветтото падна на 23-то место.
Спротивно, општини кои не биле, а влегле во првата десетка, со значен скок во вредноста на јавните набавки се: Струга (+162%), Гостивар (+90%) и Кавадарци (+57%).
На дното на табелата според вредноста на набавките се три мали општини, сите со набавки под 100.000 евра и тоа: Центар Жупа 96.045 евра), Ранковце (80.081 евра) и Зрновци (65.495 евра).
Овие податоци произлегуваат од Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2018 година изработена од Центарот за граѓански комуникации, а која ги содржи податоците за сите 3898 договори за јавни набавки склучени од Градот Скопје и 80-те општини. Базата е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а и дава графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител. Базата содржи податоци за последните четири години.
Само Град Скопје за тендери троши колку 46 општини заедно
Град Скопје, како најголема единица на локалната самоуправа троши за јавни набавки колку 46 други општини заедно. Во прилог на големиот јаз во економската моќ на општините оди и податокот дека 11-те единици на локална самоуправа со најголема вредност на набавките заедно трошат половина од парите, односно колку преостанатите 70 општини.
Кога вредноста на јавните набавки ќе се стави во однос на бројот на жители, се добива поразлична слика. Најмногу набавки по жител има Новаци со 291 евро, додека најмалку има Боговиње со само 9 евра по жител. Просечно, вредноста на набавки по жител изнесува 46 евра. Само 24 општини имаат набавки над просечните 46 евра по жител, додека кај 57 општини вредноста на набавките е под просекот.
Само шест општини имаат набавки над 100 евра по жител и тоа: лидерот Новаци (291 евро), Карбинци (130 евра), Македонска Каменица (111 евра), Чучер-Сандево (109 евра), Илинден (107 евра) и Долнени (101 еврo) – сите мали општини под 17.000 жители.
Од поголемите општини, најмногу набавки по жител имаат: Струмица – 72 евра, Центар – 63 евра, Струга и Гази Баба по 53 евра и Ѓорче Петров по 51 евро.
Под 20 евра по жител се големата општина Тетово (19 евра), како и помалите општини: Сопиште (19 евра), Шуто Оризари (19 евра), Центар Жупа (13 евра), Желино (12 евра) и Боговиње (9 евра).
Во однос на учеството на јавните набавки во буџетите на општините, тоа се движи од 4% до 77%. Најголем дел за јавни набавки од општинскиот буџет трошат Струмица (77%) и Струга (69%). Најмалку, по 4%, трошат Сопиште и Македонски Брод. Просечно, општините за јавните набавки издвојуваат по 22% од своите буџети.
20 фирми држат третина од локалните тендери
И во 2018 година, според податоците од базата, постои висока концентрација на мал број фирми во набавките на општините. Така, првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавни набавки имаат учество од цели 22% во вкупната вредност на тендерите на општините, додека првите 20 фирми, држат дури една третина од вредноста на набавките.
Сепак, концентрацијата била дури и поголема во 2015 и 2016 година кога првите 10 фирми држеле 29% и 30% од сите тендери.
Во првата десетка се наоѓаат дури 8 градежни фирми и два нафтени дистрибутери. Пет се од Скопје и по една од Тетово, Струга, Гостивар, Пласница и Кавадарци.
Фабрика Карпош од Скопје му го презеде приматот на Пуцко Петрол според вредноста на добиените тендери од општините во 2018 година. Во топ-трите фирми влезе и Пелагонија од Гостивар, а Бауер БГ го сочува местото во врвот кое го има со години наназад. И во 2018 година има висока концентрација на мал број фирми во набавките на општините. Така, првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавни набавки имаат учество од цели 22% во вкупната вредност на тендерите на општините, додека првите 20 фирми, држат дури една третина од вредноста на набавките, се вели во анализата.
Фабрика Карпош првото место го обезбеди со договори во вредност од 3,9 милиони евра. Пелагонија Гостивар е втора со 2,9 милиони, а трета е Бауер БГ со 2,5 милиони евра. Фабрика Карпош има склучено 13 договори од кои дури 5 со општина Илинден, но вредносно доминира договорот со Град Скопје во вредност од 2,4 милиони евра за изградба, одржување и реконструкција на бул. Босна и Херцеговина. Ова е и поединечно најголемиот тендер што во 2018 година го склучила една локална власт. Вкупната вредност на тендерите што ги добила Фабрика Карпош е 3,9 милиони евра.
И втората по ред, Пелагонија Гостивар, која има само пет договори за јавни набавки со општините, ова високо место го обезбедува поради договор со Град Скопје во вредност од 2 милиони евра за изградба на бул. Христијан Тодоровски Карпош, што е втор по големина тендер на ниво на локална власт. Вкупните договори на Пелагонија со општините се вредни 2,9 милиони евра.
Третата Бауер БГ има 12 договори со општините во вкупна вредност од 2,5 милиони евра, од кои доминираат двата договора со Гази Баба во заедничка вредност од 1 милион евра.
Четврта фирма е Илинден од Струга со вредност на тендерите со општините од 2,1 милиони евра, додека на петтото место се искачи нафтениот дистрибутер Супертрејд со 2 милиони евра, преземајќи му го приматот во овој дел од бизнисот на ланскиот првак Пуцко Петрол кој падна на седмо место со 1,9 милиони евра. Претходната 2017 година, Пуцко Петрол имаше набавки со општините за 3 милиони евра.
Покрај двата најголеми тендери што со Град Скопје ги склучиле првите две фирми, Фабрика Карпош и Пелагонија Гостивар, носител на третиот најголем тендер склучен од страна на локална власт во 2018 година е Оли-Травел Куманово, со општина Куманово за превоз на ученици во вредност од 1,2 милиони евра.
Следен по големина е тендерот што струмичката Универзал Градба го склучила со Општина Струмица за изградба на улици во вредност од 1,1 милиони евра.
Кога станува збор за број на склучени договори со единиците на локална самоуправа, води струмичката транспортна фирма Струмица-експрес со 49 договори, по која следуваат кочанската фирма Рики-Јуниор со 45 договори и нафтениот дистрибутер Макпетрол со 44 договори. Струмица-експрес е нова во врвот на листата, додека Рики-јуниор и Макпетрол и лани беа меѓу првите три.
Базата на податоци е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а и дава графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител. Базата содржи податоци за последните четири години.
Оваа база на податоци е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари кои ќе се реализираат во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.
Анализата врз основа на податоците од базата можете да го прочитате на следниот линк: http://www.opendata.mk/Home/TekstualniDetails/86?Category=2 , додека кон целосната базата можете директно да пристапите преку следниов линк: http://javninabavki.opendata.mk/.