„Хера“: Владата да ја направи контрацепцијата достапна за сите девојки и жени во земјата

Асоцијацијата „Хера“ го одбележува 26. септември – Меѓународен ден на контрацепција, чија цел е да се подобри свеста за контрацепцијата и да им се овозможи на младите луѓе да направат информирани избори за сопственото сексуално и репродуктивно здравје.

Под слоганот „Животот е твој и одговорноста за него е твоја“ и оваа година настанот на глобално ниво ја промовира мисијата дека секоја бременост треба да е планирана.

„Потсетуваме дека во нашата земја модерната контрацепција не е достапна за младите, жените и паровите, со што сериозно им се загрозува репродуктивното здравје и животот на граѓаните.

Стапката на употребата на модерна контрацепција изнесува само 12,8% и државата е дел од земјите со најниска стапка на употреба на контрацепција во Југоисточна Европа и европскиот регион;

Сѐ уште ниту едно контрацептивно средство не е ставено на позитивната листа на лекови, односно не е покриено со осигурување;

Иако Министерството за здравство се заложи за обезбедување бесплатна контрацепција за сиромашните и ранливите групи жени, оваа мерка не се спроведува во пракса, поради отсуство на механизам за набавка и дистрибуција на контрацептивите;

Во училиштата нема сеопфатно сексуално образование и со тоа државата го ограничува правото на младите да добијат точни и научни информации како да го заштитат сопственото здравје. Иако 36,5% од младите жени на возраст меѓу 20-24 години имале потреба од контрацепција, а истата не биле во можност да ја добијат“, се наведува во забелешките на „Хера“.

Од таму велат дека на глобално ниво, пристапот до модерната контрацепција ја намалува матерналната смртност за 25% и смртноста на новороденчиња за 20%, а пристапот до контрацепција е обврска на државата за обезбедување основна здравствена заштита и благосотојба на своите граѓани.

„Ја повикуваме Владата да ја направи контрацепцијата достапна за сите девојки и жени во земјата. Ставањето на модерната контрацепција на позитивната листа на лекови е дел од Владината програма во областа на здравството до 2020 година и бараме нејзино спроведување без никакво одложување“, истакнуваат од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување.

Треба да знаете
Последни објави