Вероника Љоровска, лице со попреченост, денеска доби стипендија за студирање на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет. Доделувањето на стипендијата се одржа во рамки на манифестацијата под мотото „Сите сме исти, сите сме Европски”, што ја организира Универзитетот.
Стипендијата на Вероника Љоровска и ја врачи градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ. На доделувањето на стипендијата со своите родители присуствуваа повеќе од 50 деца со хендикеп, со ретки болести и одредени попречености.
Мајката на Вероника рече дека со добивањето на стипендијата се остварил сонот на нејзината ќерка, која сакала да студира графички дизајн.
– На Универзитетот ни ги покажаа сите места каде Вероника ќе учи, а ќе прилагодат и некои работи за неа, бидејќи таа е во количка. За вакви деца во количка речиси и да нема услови за студирање по другите универзитети. Ни дадоа шанса да ги видиме насоките кои се застапени и да се одлучиме што би сакала Вероника да студира. Сега и се оствари желбата на Вероника, додаде таа.
Портпаролката на Европскиот универзитет, Сузана Турунџиева истакна дека изминатите денови изработиле кукли за присутните деца кои треба да ги пресоблекуваат и да ги облекуваат.
Посочи дека водат сметка на маргинализираните групи, за луѓето кои немаат можност да бидат прифатени во средината, ниту да си го остварат својот животен сон.
– Веќе доделивме неколку стипендии кои веќе се официјализирани по градови. Имавме караван на образованието. Овој пат одлучивме да доделиме стипендија за факултетот за арт и дизајн. Верувам дека овој ден ќе им биде ден за паметење на овие деца и дека ќе ги потикнеме сите општествени одговорни компании на свесност, човечност, добрина. Во светот не само кај нас добрината и хуманоста се во огромен дефицит и токму затоа сакаме да потсетиме дека сите сме исти и на сите треба да им дадеме подеднакво право да ги реализираат своите соништа, рече Турунџиева и додаде дека досега Универзитетот доделил четири стипендии.
Претседателот на Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици”, Весна Алексовска рече дека на овој начин им се дава поголемо значење особено на ретките болести, бидејќи секаде овие болни ги сместуваат во посебните потреби и ретко кога се издвојува нешто за нив.
– Добивањето стипендија претставува и олеснување на семејството кое немора да се грижи за трошоците за студирање кои на овој начин се покриени. Важно ни е повеќе компании да размислуваат за вработување на лица со ретки болести, додаде Алексовска.