Манчевски: Вишокот административци ќе се нуди на приватниот сектор

Министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски најави дека до крајот на годинава треба да заврши реорганизацијата на државната администрација. Со неа е предвидено да се намалува бројот на административци некаде, некаде да се зголемува, а ако е потребно и да се затворат некои институции. Манчевски најави дека непотребните лица од јавната администрација ќе бидат нудени во приватниот сектор, каде според него, тие би биле повеќе мотивирани за работа.

Ова беше кажано на денешната втора јавна расправа за измени на Законот за вработени во јавен сектор и Законот за административни службеници. Како што истакна министерот Манчевски, целта со измената на двата закони заедно со останатите реформи во јавната администрација е да се промени климата за работа на јавната администрација, законите да одговараат на реалната состојба и да резултираат со регрутација на квалитетен административен кадар.

Зборувајќи за придобивките од измените во Законот за административни службеници, тој се осврна на унапредувањето на моделот на вработување и управување со ефектот темелени врз компетенции, воведување на пробната работа, поедноставување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност, дополнително мотивирање на вработените кои работат на реформските приоритети и унапредување на работата и стручните капацитети на администрацијата.

На јавната расправа се обрати и директорот на Агенцијата за администрација, Спасе Глигоров, кој зборуваше за измените кои ќе се рефлектираат врз работата на Агенцијата.

Тој се осврна на Академијата за обука и развој на администрација која ќе биде орган во состав на МИОА, орган кој е неопходен, а до сега беше решен само на ниво на Сектор во МИОА, но тоа решение не се покажа како најсоодветно и очекуваме Академијата да нуди стручното усовршување на повисоко ниво на административни службеници.

„Квантитативна, меѓутоа и квалитативна промена, односно предлог за измени и дополнувања, имаме во делот на постапката за вработување на административни службеници. Тука би спомнал три сегменти: испит за административен службеник, Комисијата за спроведување на постапките за вработување и условите за вработување. Кај условите за вработување би спомнал дека како услови ги тргаме лекарското уверение, уверението за државјанство и потврдата за познавање компјутерски програми за канцелариско работење. Лекарското го тргаме од причина што ги изедначуваме правата на кандидатите за вработување воопшто, како што е регулирано со Законот за работни односи. Уверението за државјанство нема потреба да се прикачува бидејќи сега со процесот на дигитализација институцијата ќе си го влече сама од системот“, рече Глигоров.

Треба да знаете
Последни објави