Во моментот има приближно 100.000 македонски граѓани што живеат и работат во Швајцарија, од кои речиси 30.000 имаат добиено швајцарско државјанство. Ова беше посочено денеска во Берн од страна на заменик-директорот за иселеништво и миграција во Швајцарија, Михаел Хекендорн, за време на средбата со министерот за дијаспора, Едмонд Адеми.
Хекендорн го запозна Адеми со начинот на кој Швајцарија го реализира целиот процес на интеграција и притоа даде комплименти за македонската дијаспора дека е целосно интегрирана во швајцарскиот систем.
Адеми истакна дека во март оваа година Владата ја усвои првата Национална стратегија за соработка со дијаспората, со што се постави цврста основа за нови стандарди во соработката помеѓу Република Северна Македонија и нејзината дијаспора. Дополнително на тоа, министерот Адеми презентира некои од активностите, кои веќе се преземени, а кои произлегуваат од Националната стратегија за соработка со дијаспората.
Како резултат на оваа средба, од страна на претставниците на швајцарската страна беше посочено дека е планирана посета на Македонија во втората половина на ноември, при што се очекува нова средба со министерот Адеми и можност за идентификување поле за поинтензивна соработка на конкретни проекти и активности.