Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска во ловиштето на планината Ниџе, имаше работна средба со повеќе концесионери на неколку ловишта во земјава. На средбата беа презентирани мерките на коишто работи министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за развој на оваа стопанска гранка, а концесионерите ги посочија нивните барања и предлози кои им се потребни за одржливост на ловиштата.
Министерот Димковски посочи дека со новиот Закон за ловство на коишто веќе работи работната група од МЗШВ ќе се овозможат создавање на услови за заштита на инвестициите на оваа стопанска гранка, којшто има потенцијал за развој. Во работната група е предвидено да се вклучат и концесионерите како и претставници на Ловечвечката федерација. Димковски потенцираше дека со новиот правилник за флексибилност подготвен од Агенцијата за храна и ветеринарство се овозможува под одредени услови месото од дивечот да се пушта во промет.
„Пуштањето на месото од дивечот во промет беше еден од главните проблеми што ни го посочија концесионерите, , затоа посочивме дека токму новиот правилник за флексибилност на АХВ, овозможува под одредени услови да се пушта месото во промет. Податоците покажуваат дека околу 60 тони месо од дивеч се увезува, очекуваме дека за два до три месеци концесионерите ќе ги подготват нивните кланици и на тој начин домашниот пазар ќе може да се снабдува со месо од дивеч од нашите ловишта. Оваа стопанска гранка има голем потенцијал за развој, ние како држава имаме услови, и затоа како ресорно министерство во следниот период ќе работиме на мерки за поддршка на ловството коешто е важно и за развој на ловниот туризам и воопшто за руралниот развој“, потенцираше министерот Димковски.
При тоа, Димковски посочи дека се разгледува опцијата преку Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, да се овозможи финансиска поддршка за ловството, со што ќе се поттикне развојот бидејќи концесионерите вложуваат сериозни инвестиции во ловиштата.
Инаку, концесионерите од ловиштата се вклучија и во спроведување на превентивните мерки што ги донесе Владата на Република Северна Македонија за спречување на појава и ширење на африканската свинска чума. Меѓу нив беше и мерката за почеток на ловната сезона порано од законскиот рок, при што досега се отстрелани околу 250 диви свињи, и резултатите се негативни. Исто така во спроведувањето на превентивните мерки се вклучија и домашните фармери кои не ги исполнуваат биосигурносните мерки за на своите фарми, и досега околу 1.000 свињи од ваквите фарми се однесени во кланици, и веќе се подготвува исплатата за финансиска поддршка за овие фармери. АХВ за оваа цел подготви посебен правилник со повисоки цени за откуп на месото. Министерот Димковски посочи дека и во следниот период ќе продолжат средбите и консултациите со Ловечката федерација и со концесионерите на ловиштата. Во Република Северна Македонија има 256 ловишта и 69 концесионери.