Македонија се победи себе и отиде во Европа

Решението на Бундестагот значи пораз на силите на Злото во нивната последна, очајничка офанзива во македонските ардени на бесчестието, со кодно име „рекет“. Тоа решение ја вади Северна Македонија од психотичниот обрач на внатрешната деструкција и на тенденцијата кон комплетна политичка, институционална, уставна и морална имплозија. Во таа офанзива тие не го бркаа криминалот и корупцијата како зло, туку ги бркаа како адути за крах на евроинтеграциите, за пад на владата, за хаос и спас на авторите на најголемиот државен криминал во мирновременска Европа. Тие навиваа за криминалот. Се радуваа како деца на секоја негова пројава. Тоа е клучната разлика што не ја разбраа демократските сили и субјекти кои со своите добри намери, објективно му се приклучија на злото.

пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ

Ова е исповед, не смејте се, бидете пристојни, ослободете малку почит кон мојата маленкост, неколку реченици, имајте трпение:

Молекулите ми се ослободија. Се вратија во својата природна состојба. Како да беа метални струготини на кои некоја волшебна сила им ја беше прекинала врската со магнетот. Олабавени и хармонизирани меѓу себе и преку својата целина со мене, ме вратија во нормала, во волшебната нормала. Заспав лесно, многу лесно, и се наспав бргу, во пет веќе бев на прошетка со Мајло. Но, пред да му се препуштам на дримот, почувствував дека со страшниот стрес морам да се збогувам со еден статус. Еве го и тука тоа парче откинати емоции:

„Интересна работа, Германскиот парламент реши да не ги ебе Мицкота, Герота, Владета, Антоњота и Никлашчето од Будимпешата и со убедливо мнозинство одлучи да даде препорака за почеток на преговорите на Европската унија со Северна Македонија. Овој викенд ќе се знае и решението на Франција. Шансите да поминеме и таму се 90 проценти.

По решението на Бундестагот тие сигурно ќе се зголемат. Мислам дека ниту најголемата пиздарија на мафијата и на нејзините геровистички логистики, нема да можат да го спречат епохалниот продор на Северна Македонија кон светлата иднина. За две години, од уништен балкански, полураспаднат ентитет, до НАТО и ЕУ. Бравос за екипата на Заев. Ниту една држава на патот кон Европа не мораше да совладува вакви, глупави, но расширени, прости и перфидни, груби и манипулативни, обиди да се саботира самата себе преку злосторничката инсталација на вмро-дпмне и на нејзините сервиси.

Нека ни е со среќа.

За многу години.

Тенкју Дојчланд.”

Не би сакал да сменам ниту една запирка.

Освен што на местото на Тенкју, би напишал Данке.

Тука се сите елементи на македонската драма и катарза.

Персонифицирани.

Решението на Бундестагот и очекуваното позитивно изјаснување на Франција, односно датумот за почеток на преговорите, не е само обична политичка победа. Не е ниту само голема победа. Тоа е епски триумф над злото, над самоуништувачкото зло што машинеријата на вмро-дпмне го беше раширила како општа психоза, претворајќи го народот во хистеризирана маса која го пее химничниот рефрен “Не нѐ бива”. И не работи ништо друго. Таа мантра не беше сосема без врска, затоа што тие што ја мантраа, беа чипирани и во животот да ја докажат тезата од рефренот и преку тој напор, да ја постулираат верноста кон вмро-дпмне и своите надежи во аргентинскиот хаос што ќе го менаџира нивниот партиски фаворит. Што значи дека оваа со евроатлантските интеграции, не беше политички конфликт меѓу еврофилството и еврофобичноста, тој судир дури и номинално не беше така дефиниран, туку тоа беше битка да се биде или не. Не во поетска и метафорична, туку во буквална смисла.

Решението на Бундестагот значи пораз на силите на Злото во нивната последна, очајничка офанзива во македонските ардени на бесчестието, со кодно име „рекет“. Тоа решение ја вади Северна Македонија од психотичниот обрач на внатрешната деструкција и на тенденцијата кон комплетна политичка, институционална, уставна и морална имплозија. Во таа офанзива тие не го бркаа криминалот и корупцијата како зло, туку ги бркаа како адути за крах на евроинтеграциите, за пад на владата, за хаос и спас на авторите на најголемиот државен криминал во мирновременска Европа. Тие навиваа за криминалот. Се радуваа како деца на секоја негова пројава. Тоа е клучната разлика што не ја разбраа демократските сили и субјекти кои со своите добри намери, објективно му се приклучија на злото.

Освен овие генерални забелешки, сакам да истакнам уште некои важни импликации:

Преговорите со Европската унија ќе ја поместат Македонија во нова агрегатна состојба, ќе ја трансферираат од аморфноста на балканската пареа, во категоричната дефиниција на европски, државен, политички и национален субјект. Тоа е коперниканскиот пресврт во македонската историја, мирновременски подвиг без преседан.

Таа трансформација го симнува македонското национално прашање од дневен ред во неговата класична смисла, која толку многу не оптоваруваше и го поместува во сосема нов контекст. Во кој македонската државна и национална реализација се гарантирани со контекстот сам по себе и со дистанцата што тој контекст им ја обезбедува на Македонците од самите себе. И од современите пласмани, се разбира.

Преговорите и уште повеќе членството во Европската Унија, на категоричен начин ќе го истакнат фактот дека идентитетските димензии не се ослабнати, уште помалку се растурени, туку се зацврстени со преспанскиот и со бугарскиот договор, со промената на името, посебно, и дека, всушност, добиваат нови простори и капацитети за сестран развој.
Има основи да се надеваме дека развојот на ситуацијата за која говориме, ќе го урамнотежи политичко-партиско-идеолошкиот конфликт и дека тоа значително ќе придонесе за хармонизирање на општеството и за остварување на неговите стратегиски цели, од кои, подобриот живот на луѓето мора да биде на прво место. Верувам дека на крилјата на овие фантастични вести, власта ќе ја консолидира својата позиција, а вмро-дпмне ќе загуби од жарот на пучистичките амбиции. Опозицијата мора да се подготви за ново ниво на политичката борба ако не сака да се претвори во  слон со сличуги на мразот на националната политика или во папагал вооружен со моторна пила во македонската амазонија. Темелна реформа, трансформација во нов субјект или карикатура и смрт. Не сум оптимист за иднината на вмро-дпмне со луѓето што сега ја водат.

Веројатно ќе се случи предвремените избори да се поместат за некој месец и да се одржат во мај, а не во октомври. СДСМ и ДУИ ќе се обидат да ги капитализираат фантастичните навдорешно-политички успеси, кои се, всушност, и внатрешнополитички, а вмро-дпмне не знам што ќе прави, зашто времето, светот и паметот, односно отсуството на памет, повеќе не работат во нивна полза.

И, сега, две работи за луѓето и структурите кои во името на Македонија, го освоија Монт блан на европската интеграција, политика и култура.

Со минимално мнозинство во Собранието, со неверојатните отпори, диверзии и пучеви, скандали и афери, што ги правеа вмро-дпмне и здружените сили на деструкцијата, со груевстичките инсталации на секој чекор и со нормативната, политичка и институционална немоќ тие работи да се менуваат со посакуваното темпо, овие резултати, драги мои, не само во однос на евроатлантските интеграции, туку и во најконкретните домашни состојби, се импозантни. Особено со оглед на систематски градената атмосфера на огорченост, очајување и тотална депресија, што цело време ја градеше медиумско-политичката опозициска коалиција.
Заев е шеф на парадата и веројатно заслугите за овие подвизи ќе ги круниса со Нобел. Но и да не ја добие наградата, нема никакви дилеми дека човекот си обезбеди место во македонскиот Пантеон. Просто е неверојатно како Злосторничкото здружение на вмро-дпмне, успеа од една таква толерантна, работлива, широка, позитивна, отворена, добронамерна, благородна и мила личност, со историски заслуги за Македонија, да произведе портрет кој цел еден опозициски спектар ќе го сметаат за државен и национален непријател број еден.
Не мали заслуги има и потпретседателот Бујар Османи, но ако некој треба посебно да се издвои, тоа е министерот Никола Димитров. Човекот кој како да не е оттука. Во интензивните активности кои и претходеа на одлуката на германскиот парламент и се поверојатното добивање на датум, значи практично од формирањето на оваа влада, Северна Македонија имаше во контактите со Европа, европски човек. Европски според политичкиот профил, според политичката филозофија, според манирите… Немам дилеми дека само таков човек можеше пред Европа убедливо и плодоносно да ја застапува македонската државна и национална кауза на рационално, односно победничко ниво, вложувајќи се без остаток.

Преземено од FRONTLINE

Треба да знаете
Последни објави