Порто го изненади Киелце, Барселона го прегази Загреб

Ракометарите на Порто направи изненадување и како домаќин успеа да го совлада Киелце со 33:30 и му направи голема услуга на Вардар во борбата за првото место во Групата Б од Лигата на шампионите. Португалците се покажаа како незгоден противник минатата недела во Скопја, кога по добиеното прво полувреме, сепак, го изгубија натпреварот од шампионот.

Голманот Алфредо Кинтана блескаше во текот на целиот меч, а одбрани и три пенали.

Двата тима беа изедначени во првите дваесетина минути(11:11), а потоа Порто почна да гради разлика која избраниците на Талант Душебаев ниеднаш не успеаја да ја стопат. На полувремето, домаќинот имаше 15:12, а само еднаш во текот на целиот втор дел Киелце успеа да дојде на „минус еден“ (25-24), но и ниеднаш да ја анулира негативата која ја бркаше константно.

Најдобар кај Порто беше Ареија Родригез со шест гола, додека Боргес и Зулуета дадоа по три гола, а кај Киелце, Блаж Јанц заврши со четири гола, пред Јуркевич и Душебаев со по три гола.

Вардар утре го игра мечот од третото коло и  му гостува на Мотор во Запорожје.

Во вториот денешен натпревар од ЛШ,  Барселона му нанесе тежок пораз на ППД Загреб 19:36, на дебито на Веселин Вујовиќ на клупата на хрватскиот првак.

Одличен беше Гомез со осум гола кај победникот, Андерсон даде шест, а Томас заврши со пет гола, додека кај „плинарите“, Шипиќ, Хорват, Стојниќ и Шпенде имаа по три гола. На овој натпревар настапи и македонскиот репрезентативец Ненад Костески, кој даде еден гол, од пенал.

 

Треба да знаете
Последни објави