Еурофарм Работник го загуби и третиот натпревар во дебитантската сезона од Лигата на шампионите, овој пат во Шпанија кај Бидасоа идентично како и претходните два, со еден гол разлика, 26:25.
Во првиот дел беше изедначено, но како се ближеше крајот на полувремето така Еурофарм играше се подобро, дојде до водство кое почна и да го зголемува и на полувремето замина со позитива од 14:11.
Во второто полувреме тргна со два гола, зголеми на 16:11 за највисоки во натпреварот пет голови разлика, во тие моменти изгледаше дека Еурофарм има се за да ја оствари првата победа во Лигата на шампионите, но тоа не се случи.
Еурофарм веднаш по позитивата од пет гола падна, Бидасоа направи серија од 4-0, дојде на минус еден, а брзо потоа направи пресврт, дојде до водство кое го оджруваше до крајот за победа од 26:25.
Во шпанското гратче Ирун, двеилјадна публика со аплауз ги награди најдобрите ракометари на натпреварот, односно домашниот Сержо Дела Салут кој постигна 10 голови, и гостинскиот голман, македонскиот репрезетативец Никола Митревски кој имаше 13 одбрани, како и Остроушко со девет постигнати голови.
Судиите од Хрватска Циндриќ и Конзурек со грешки го водеа натпреварот, но во 6 минута правилно и заради неспортско однесување го исклучија ракометарот на Еурофарм Работник, Мирко Радовиќ.
Битолската спортска јавност ги почна подготовките за претстојниот дерби натпревар од ракометната СЕХА лига меѓу водечките Еурофарм Работник и унгарскиот шампион Веспрем кој ќе се игра оваа среда на 2 октомври во Битола.