Наполи ја победи Бреша со 2:1 во натпревар од италијанското фудбалско првенство на кој настапи и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, a Балотели го постигна својот деби гол за гостите.
Тимот на Анчелоти влезе како голем фаворит во мечот, така и почна, поведе со гол на Мертенс уште во 13. минута од натпреварот. Шест минути подоцна Манолас постигна гол кој му беше поништен поради игра со рака откако беше консултиран ВАР. Но грчкиот дефанзивец не се откажа од намерата да постигне гол, тоа се случи пред крајот на првото полувреме кога погоди со глава за водство од 2-0.
По пет минути игра во второто полувреме ВАР поништи гол и на Бреша. Во 67. минута Балотели постигна гол со глава за намалување на резултатот на 2-1 и неизвесен финиш на натпреварот.
Неколку минути подоцна во игра влезе Елиф Елмас. Пред самиот крај македонскиот фудбалер имаше одлична шанса да стави печат на победата, направи вистински слалом по левата страна, влезе во шеснаесетникот, но шутираше крај голот.