Само неколку дена пред прославата на 70-годишнината од Народна Република Кина, американскиот носач на авиони „Роналд Реган”, стациониран во Јапонија, заплови во спорното Јужно кинеско море, а сателитските слики објавени на социјалните мрежи покажаа дека е опкружен со неколку неидентификувани кинески воени бродови, објави „Јапонија тајмс”.
Весникот пишува дека портпаролката на американската Седма флота, Ријан Момсен не сакала да ја потврди локацијата на „Роналд Реган”, но изјавила дека носачот на авиони спроведува „рутински операции”.
Кинеското Министерство за одбрана соопшти дека САД испратиле носач на авиони во Јужното кинеско море за да „демонстрираат сила и да ја зајакнат милитаризацијата во регионот”.
Министерството ги повика САД да ја почитуваат загриженоста на земјите од регионот за безбедноста и да дадат позитивен придонес кон мирот и стабилноста.
Пекинг со децении води спорови со неколку земји во азиско-пацифичкиот регион околу територијалната припадност на голем број острови во Јужното кинеско море, на кои се откриени значителни резерви на јаглеводород.
Соединетите Американски Држави не се страна во спорот, но тие не ги признаваат претензиите на Кина и инсистираат на нивна „слободна пловидба” во регионот.