Монпелје ја забележа втората победа во сезоната откако на домашен терен го совлада Веспрем со 23:18. Французите најдоа начин да го запрат атомскиот напад на Веспрем, а Манасков и соиграчите се мачеа да го најдат патот до мрежата крај извонредниот Марин Шего со 20 одбрани и 54 отсто успешност. За фијаското најдобар доказ е податокот дека по 16 години тимот на Веспрем не успеа да ја стигне границата од 20 гола на еден меч од Лигата на шампионите.
Последен пат такво нешто се случило во ноември 2002 година, кога Веспрем гостуваше во Грција и го совлада тимот на Панелиниос со 16-17. Манасков денеска немаше свој ден, промашувајќи ги двата шута кон голот на Шего.
Најефикасен кај Монпелје беше Мелвин Ричардсон со осум погодоци, додека кај Веспрем по четири гола постигнаа Мае и Ненадиќ.