Светските лидери се опростуваат од Жак Ширак

Околу 30 светски лидери, меѓу кои и рускиот претседател Владимир Путин, се собраа во Париз за да присуствуваат на погребот на поранешниот француски претседател, Жак Ширак, кој почина минатата недела на 86 години.

Воените почести за Ширак ќе бидат извршени во Палатата на инвалидите, каде од вчера е изложен неговиот ковчег, а поворката ќе тргне кон црквата Сан Сулпис, каде ќе биде одржана меморијална церемонија во присуство на домашни и странски претставници.

Ширак ќе биде погребан на гробиштата Монпарнас, покрај ќерката Лоран, која почина во 2016 година. Актуелниот претседател на Франција, Емануел Макрон подоцна ќе приреди ручек за странските лидери во Елисејската палата. Меѓу нив најавени се германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер и либанскиот премиер Саад ал-Харири.

Многу Французи го почитуваа Ширак бидејќи ѝ ја обезбеди на земјата улога на глобален играч и затоа што се противеше на инвазијата на Ирак во 2003 година, а обвинувањата за финансиски малверзации, кои се слушнаа откако замина од функцијата, не можеа да го нарушат неговиот углед.

Треба да знаете
Последни објави