Трговската размена меѓу Северна Македонија и Бугарија е во континуиран пораст, големи се можностите за идна соработка

Министерот за економија Крешник Бектеши, денеска во Софија оствари работен состанок со министерот за економија на Република Бугарија, Емил Караниколов. Главни теми на состанокот на двајцата министери беше зајакнување на трговските односи меѓу двете земји, отварање на нови можности и перспективи за зголемување на трговската соработка како и заедничкото претседавање на Република Северна Македонија и Република Бугарија со Берлинскиот процес во насока на зголемување на регионалната соработка и евроинтеграциите.

Двајцата министери договорија до крајот на годината да биде одржан бизнис форум во Скопје.

„Република Бугарија е еден од најважните трговски партнери на Република Северна Македонија. Ние како две соседни земји имаме одлична трговска соработка која е во континуиран пораст и има простор во иднина дополнително да се зголеми. Со одржување на еден заеднички бизнис формум во Скопје на кој ќе присуствуваат компании од двете држави ќе се отвори простор за нови соработки на бизнисот и отварање на нови пазари“ истакна министерот Бектеши.

Во рамки на Берлинскиот процес на кој следната година заедно ќе преседаваат Северна Македонија и Бугарија, министерот Бектеши му предложи на министерот Караниколов да се формираат технички групи од различни сектори и дел од настаните за промоција на регионалната соработка да се одржат во Северна Македонија.

Министерот Караниколов истакна дека нивната главна цел како Министерство за економија е да се зголеми економската соработка со Северна Македонија на сите полиња.

Истакна дека како земја членка на Европската унија се отворени да ги споделат своите искуства во процесот за преговарање со Северна Македонија и на техничко и на институционално ниво.

На состанокот беше договорено во иднина да се договори соработка во делот на промоцијата на инвестициските можности на двете земји на трети пазари за привлекување на странски инвеститори.

Република Бугарија се наоѓа на шесто место на листата на земји со кои Република Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена.

Треба да знаете
Последни објави