Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ и вршител на должноста постојан координатор на Обединетите нации во земјава кој го завршува својот мандат. На средбата се поздравени заложбите и ефективните политики на Владата во делот на заштитата и унапредувањето на правата на децата и младите, посебно во делот на социјалните политики и образованието. Нашата држава, при тоа, е посочена како пример за успешно спроведување на проектот за деинституционализација, со што децата од социјалните институции се сместуваат во згрижувачки семејства.
Премиерот Заев рече дека УНИЦЕФ е важен партнер на Владата во спроведувањето на овој проект и на други проекти во областа на социјалните политики. Претседателот на Владата, Заев се заблагодари посебно за личните заложби на претставникот на УНИЦЕФ и постојан координатор на ОН во нашата држава, Перкс за искреното пријателство кон граѓаните на нашата земја и грижата за напредокот на државава, што резултира со конкретни резултати.
„Од голема важност е поддршката од УНИЦЕФ во реализацијата на клучните приoритети на Владата во областа на социјалната заштита и образованието, како што е проектот за деинституционализација. Како Влада фокусирани сме кон креирање општество фокусирано на потребите на децата и на младите луѓе. Вложувањата во правилен раст и развој и насочувањето на децата и младите според нивните можности и интереси, уште од раното детство, значи вложување во здрави и мотивирани луѓе кои ќе придонесуваат на пазарот на трудот и ќе бидат конкурентни и оспособени за живот“, рече премиерот Заев.
Премиерот Заев информираше за чекорите што се преземаат за поголема активност на децата и младите во областа на спортот, за промовирање на концептот едно општество за сите, низ заедничките спортски и културни активности на децата од различни средини на живеење, за заложбите што се прават да се овозможат услови за работа на младите луѓе кои не се заинтересирани за факултетско образование, со што ќе се придонесе и во обезбедувањето квалификувана работна сила според пазарните потреби. Исто така е нагласена определбата на Владата, со стабилизацијата на Буџетот, за продолжување на трендот на зголемување на платите на воспитниот и наставниот кадар во градинките и училиштата, како и во условите за развој и учење на децата и на младите луѓе.
„Имаме постабилен Буџет и повеќе пари ќе насочиме кон потребите за децата и за младите луѓе“, рече премиерот Заев.
На средбата е заеднички констатирано дека со ваквите системски политики добиваат децата и младите луѓе, но и целото општество, кое што преку системот на приоритети и заштеди генерира напредок.